Хуманитарната трка ќе биде долга 1,5 километар, а стартот ќе биде пред хотелот „Парк“ во 10 часот.
На трката може да се пријават сите заинтересирани лица постари од 13 години, како и помлади лица во придружба на возрасен придружник. Котизацијата за трката е 200 денари и се плаќа на самото место, пред почетокот на трката.
Како што соопштија организаторите, за првите тројца што ќе ја завршат трката предвидени се подароци, а сите учесници по завршувањето на трката ќе добијат освежување, свежо овошје и здрава енергетска храна. Сите средства собрани од котизацијата за трката ќе се донираат на Детската клиника.
Трката наречена „Трчај за надеж“ ја организираат ученичките од Меѓународното училиште НОВА, Јована Крстевска и Ева Неделковска преку училишниот клуб „Искра надеж“ што го основале и чија цел е собирање на донации за маргинализирани групи преку различни видови на интерактивни настани.
– Секој човек заслужува да има еднакви можности, да живее убав и нормален живот. Затоа се трудиме да направиме сѐ што можеме за да им помогнеме на оние на кои им е најпотребно и да им пружиме надеж, велат организаторките на трката.