Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевкса вели дека има придвижување и позитивни сигнали дека е можно наскоро да биде постигнато решение меѓу СОНК и Министерството за образование и наука со кое штрајкот, што сега е во мирување, би бил прекинат, а платите во образованието би биле зголемени.

– Министерството за труд и социјална политика не е дел од страните кои имаат спор. Тоа се МОН од една и СОНК од друга страна. Информирана сум од министерот за образование дека денеска од 10 часот требало да има состанок и тој сигурно се одржал. Преговорите продолжуваат, има придвижување и позитивни сигнали дека е возможно за многу скоро да се дојде до заедничко решение кое ќе значи прекин на штрајкот и покачување на платите во образованието, рече Тренчевска во одговор на новинарско прашање при посетата на Струмица.

Но, додаде таа, да му оставиме време на помирувачот и на двете страни во спорот да ги водат преговорите и да не известат за она што ќе биде одлучено на седниците на одборите што се формирани согласно законот за мирно решавање на спорови.

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) штрајкот го стави во мирување на 28 април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.

Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена. Доколку за 10 дена една од страните не е задоволна, се бара формирање на дополнително тело на помирување, така што максимум за 20 дена треба да заврши постапката. Медијатор во спорот е Драгица Исаиловска-Митровска.

Штрајкот на вработените во основните и средните училишта и во детските градинки почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти и потоа да се изнајде методологија за нивно усогласување со минималната плата. Во текот на преговорите, првично на Синдикатот му беше понудено зголемување на платите за 10 проценти, а потоа и за 12 проценти, но предлозите не беа прифатени од членството на СОНК. На последната седница на Советот на СОНК и по изјаснувањето на членството, беше донесена одлука градинките повторно да почнат со работа, а вработените во училиштата останаа и понатаму да штрајк, кој е ставен во мирување на 28 април по стартот на медијацијата.