Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се надева дека откако претставниците на СОНК ќе го известат членството дека е постигнат договор со Владата наставниците, професорите, воспитувачите и негувателите ќе се вратат на работните места од утре по што, како што рече, образовниот и згрижувачкиот процес ќе продолжи нормално.
-Вчера после три и пол часовен разговор, дијалог со претставниците на СОНК беше договорено денеска претседателот и Одборот на СОНК да ги известат членовите на СОНК и сите оние вработени во образовните институции и во детските градинки кои штрајкуваат дека е постигнат договор со Владата, односно дека е постигнат договор за 12 проценти покачување на платите со јулската плата, значи после ребалансот. Се надевам дека сите оние коишто штрајкуваа ќе се вратат на своите работни места, изјави министерката во одговор на новинарско прашање по посетата на малиот групен дом за деца без родители и родителска грижа и Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Скопје.
Од утре, додаде Тренчевска, ќе започне да функционираат и училиштата и детските градинки нормално, децата ќе се вратат во градинките, учениците во училишта, родителите ќе се вратат на работните места затоа што поради штрајкот тие мораа да земаат годишен одмор, за да ги згрижат децата.
Министерката за труд и социјална политика информира дека на вчерашната средба се разговарало се разговарало и за К-15 да се исплаќа во 2023 година, кој ќе биде дел од општиот колективен договор, како и за нова методологија која ќе биде дел од општиот колективен договор, а понатака ќе се пресликува во гранските колективни договори што, според неа, значи и постојан раст на платите во образованието и во детската заштита.