Партии и кандидати денеска пред граѓаните со митинзи и средби

Изборната кампања за локалните избори продолжува, денеска, на третиот ден, партиите и кандидатите ќе ги претставуваат своите програми и проекти на митинзи и средби со граѓаните во повеќе општини низ државата.

ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи митинзи во Конче (16:30), Демир Капија (17:30), Неготино (18:30) и Кавадарци (20:30).

Караванот на СДСМ и Коалицијата ќе биде меѓу граѓаните на Конче (17:30), Кичево (18:30) и Македонски Брод (20:00).

Движење ЗНАМ ќе одржи промотивна конвенција на Градскиот плоштад во Куманово со почеток од 19:00 часот.

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, ќе даде изјава за медиумите во Аеродром. Независниот кандидат за градоначалник на Скопје, поддржан од „Независни заедно“, проф. д-р Горан Марковски, ќе одржи прес-конференција за својот капитален проект – изградба на пречистителна станица за главниот град.

Изборната кампања, која започна во понеделникот, ќе трае до 17 октомври на полноќ, по што следува изборниот молк пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг е закажан за 2 ноември.

Според Изборниот законик (член 69а), за изборна кампања се сметаат јавни собири и настани организирани од учесниците, јавно истакнување плакати, видео презентации, интернет и медиумско претставување, дистрибуција на печатени материјали, како и јавно презентирање на кандидатите и нивните програми.

Овие локални избори се осми по ред од независноста на државата, а четврти на кои ќе се избираат и градоначалници и советнички листи во 80 општини и Град Скопје.

Граѓаните ќе гласаат на 3480 избирачки места за вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за општински совети, што претставува 10.490 кандидати.

Во изборната трка учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури. Најголем број кандидати за градоначалници има во Скопје – 16.