Првата група бегалци кои побегнаа од Нагорно Карабах денеска пристигна во Ерменија, јави агенцијата Франс прес, чии новинари се на границата со таа енклава населена претежно со Ерменци, и каде Азербејџан изврши успешна блиц-офанзива оваа недела.

Неколку десетици жители на областа, претежно жени, деца и стари лица, пристигнаа во прифатниот центар основан од ерменската влада во Корниџор.

Некои бегалци изјавија за АФП дека потекнуваат од погранично село, додека други рекоа дека патувале долг пат во планинскиот регион Кавказ.

Азербејџанските сили денеска ги продолжуваат операциите за повторно воспоставување контрола над Нагорно Карабах, по офанзивата што предизвика конфузија околу судбината на 120.000 луѓе кои живеат во областа.

Ерменските власти во Нагорно Карабах денеска соопштија дека цивилите кои останале без покрив над главата поради последното насилство ќе бидат префрлени во Ерменија со помош на руските мировници кои таму се присутни од последната војна во 2020 година.

Азербејџан вети дека ќе им дозволи на бунтовничките борци кои ќе го положат оружјето да ја напуштат зоната и да заминат во Ерменија.

Министерството за внатрешни работи во Баку денеска соопшти дека ќе организира автобуски конвои за овие поранешни борци, додавајќи дека тие можат да заминат и со автомобили.

Сепаратистите и азербејџанските претставници во Баку во четвртокот го одржаа првиот круг разговори за „реинтеграција“ на Нагорно Крабах.

Планинскиот регион Нагорно-Карабах и дел од околните територии се под контрола на Ерменија од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година, но Азербејџан ги врати тие територии во шестнеделната војна во 2020 година.

Војната заврши со прекин на огнот со посредство на Русија и оттогаш контингент руски мировници е во Нагорно Карабах.

Извор: Netpress.com.mk.