Денеска, на 10 октомври, се навршуваат точно три години од прераното заминување на познатиот македонски пејач Далибор Даки Ѓошиќ, кој почина на 41-годишна возраст.
Ѓошиќ беше истакнат пејач од прв ред и долгогодишен вокален солист на Националната установа за народни игри и песни, ансамблот „Танец“. Неговата кариера и извонредниот глас оставија неизбришлив печат во македонската музичка и фолклорна култура.
Во Националниот ансамбл „Танец“ тој се вработил во 2007 година. За време на 16-те години активна дејност, како вокален солист и дел од повеќе ансамблови состави, тој реализирал 363 концертни настапи во земјата и во странство. Во текот на неговата долгогодишна соработка со ансамблот, Ѓошиќ настапил во дури 23 држави низ Европа, САД, Азија и Африка.
Официјалните податоци бележат дека Далибор Ѓошиќ има изведено над 300 традиционални песни пред аудиториум од речиси 100 илјади посетители. Незаборавни остануваат неговите моќни интерпретации на безвременските фолклорни бисери како што се „Дејгиди, луди, млади години“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Кирјана вино продава“, „Јовано, Јованке“ и бројни други нумери.
Освен големата и богата кариера во рамките на ансамблот „Танец“, тој редовно беше присутен и забележан и на домашната фестивалска сцена.
