Според иформацијата од МВР, полициски службеници на СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи – Гостивар вчера околу 21.45 часот на улица „Илинденска”, во близина на угостителски објект на излезот од Гостивар, ги лишија од слобода албанскиот државјанин А.Р. (38) Ш.И.(28) од скопското село Арачиново и Б.Т. (32) од Скопје, под сомнеж за шврец на дрога.

При преглед на патничко моторно возило со албански регистарски ознаки, во кое се превезувале трите лица, а управувано од А.Р., во багажникот била пронајдена поголема количина марихуана. Тројцата биле задржани во Полициската станица Гостивар.

– Ноќеска во периодот од 02.45 до 04.00 часот, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во стан во Гостивар, каде што престојувал А.Р.. При претресот биле пронајдени и одземени два патнички куфери со марихуана, торба со марихуана, една голема ќеса со марихуана, повеќе пакувања со марихуана, дигитална вага, електрична машина за пакување и вакумирање, во вкупна количина од околу 40 килограми марихуана, се наведува во соопштението.

МВР информира дека по целосно документирање и расчистување на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, согласно член 215 од Кривичниот законик.