Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, преку статус на Фејсбук пишува дека наместо да ги решава проблемите на земјоделците, министерот Николовски тера партиска кампања.
-Вчера оризопроизводителите протестираа бидејќи оризот им се откупува по багателни цени, лозарите се уште не знаат која ќе биде цената на вранецот и смедеревката, а цената пак на трпезното грозје секој ден паѓа, додека африканската свинска чума се распространува низ државата и свињарскиот сектор е под сериозна закана, министерот Љупчо Николовски тера партиска агенда промовирајќи го кандидатот за градоначалник на Маврово и Ростуше.
Земјоделците мака мачат и не знаат како ќе се прехранат, бараат решение за нивните проблеми, Николовски изјавува дека Требиште се развива како сите населени места во Маврово и Ростуше.
Но, јас го разбирам. Тој во Маврово и Ростуше е заминат да продава ветер и магла, мислејќи дека таму ќе му поминат лагите и манипулациите.
Нема Николовски лице да се појави пред земјоделците, да седне на маса и да се соочи со проблемите и барањата, видлива е неговата негрижа и неспособност, а знае дека ќе биде исвиркан и избркан. Затоа и власта не прифаќа избори, бидејќи стравува од пораз кој најсилно ќе им го зададат земјоделците.
Апелирам до Љупчо – Путерот, да ги намали партиските активности и водењето на личен пи-ар маркетинг, да ги засука ракавите и да се фати за работа, поради тоа што зема плата од граѓаните за да ги решава нивните проблеми, а не за да шета и да се слика.
Ако не знае како тогаш, има луѓе што знаат да ги решат проблемите на земјоделците и да им го вратат изгубеното достоинство.
Многу набрзо доаѓаат промените, стои во неговиот пост на Фејсбук.