Најпрестижната локална функција – градоначалник на Град Скопје – веќе ја има својата прва листа на кандидати. Досега официјално се пријавени седум имиња: шест од политички партии и еден независен кандидат. Се очекуваат нови номинации, особено од граѓански иницијативи, бидејќи според упатството на Државната изборна комисија (ДИК) доволни се само два потписа за поднесување кандидатура.
ВМРО-ДПМНЕ го кандидира актуелниот градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. СДСМ настапува со потпретседателката Каја Шукова, поранешна министерка за животна средина. Левица го предложи пратеникот Амар Мециновиќ.
Од албанскиот политички блок, коалицијата Вреди го поддржува Башким Бакиу, директор во Универзитетскиот клинички центар во Скопје, а опозицискиот Европски фронт влезе во трката со пратеникот и лидер на Народното движење, Скендер Реџепи Зејд.
Кандидатурата на професорот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет при УКИМ, ја поддржува платформата „Независни заедно“, составена од иницијативите „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Независен настап најави и професорот по дизајн Александар Рашковиќ, поддржан од партијата ТМРО.
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ најави кандидатка, но поради здравствени причини промоцијата беше откажана, па не е јасно дали ќе предложат ново име.
Рокот за поднесување кандидатури истекува на 13 септември на полноќ. Првиот круг на изборите ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.
За победа во првиот круг потребни се најмалку една третина излезност од вкупниот број регистрирани гласачи во општината и мнозинство гласови за еден кандидат. Доколку условите не се исполнат, постапката се повторува. Во втор круг влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови, а победува оној што ќе добие повеќе.
Советниците се избираат уште во првиот круг, а нивната распределба се утврдува според Донтоновата формула.