Царинската управа спречи обид за криумчарење на дрога
Царинските инспектори од Одделението за оперативни работи пред два дена спречија обид за криумчарење на наркотични средства на граничниот премин Богородица.
При контрола на германско патничко моторно возило комбе, со помош на царинско куче, биле откриени дроги кај еден од сопатниците. Во возилото се пријавиле двајца германски државјани, а при прегледот биле пронајдени повеќе видови на илегални супстанци.
При тоа, како што соопштуваат од Царинската управа:
„При извршениот детален преглед, пронајдени се три пластични епрувети завиткани во хартиено марамче наполнети со прашкаста материја во бела боја кокаин, во чантата била пронајдена и една алуминиумска фолија во која била завиткана материја од растително потекло со зеленкаста боја и карактеристичен мирис марихуана, како и 33 парчиња капсули во рефусна состојба исполнети со бела прашкаста материја од групата стероиди. Пред да и биде извршен личен претрес од џебот извадила уште шест пластични епрувети наполнети со прашкаста материја со бела боја кокаин, спакувани во прозирна зипер кесичка кои ги фрлила на земја.“
Предметот е предаден за вештачење во МВР Одделот за форензички испитувања, а против осомничената е поднесена кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво по член 215 од КЗ.
Од Царинската управа потенцираат:
„Преку професионализам и високата посветеност на царинските службеници во борбата со сите облици на криминал, постигнуваме резултати во борбата против нелегалната трговија.“