Македонскиот фудбалски шампион Вардар со пораз го започна настапот во Конференциската лига. „Црвено-црните“ на арената „Тодор Проески“ во Скопје загубија од летонскиот првак Рига со 2-3, па во реваншот на гостински терен ќе се обидат да ја надоместат негативата и да обезбедат пласман во следната рунда.
Натпреварот се одигра пред околу 2.000 гледачи, токму на денот кога Вардар го одбележа својот 79. роденден.
Домашниот тим прв стигна до водство во 28. минута. По лошо расчистување на одбраната на Рига, топката стигна до Диего Кастањеда, кој одлично се снајде по левата страна и со прецизен удар од тешка позиција погоди за 1-0.
Сепак, предноста на Вардар траеше кратко. Летонскиот шампион за само четири минути направи целосен пресврт, откако Гало и Сикера ги искористија своите шанси и донесоа водство од 1-2.
Во второто полувреме, Вардар успеа да се врати во игра. Во 66. минута, Закариќ со одличен продор по десната страна елиминираше двајца противнички играчи и испрати прецизен центаршут, а новото засилување Герсон Родригеш со удар со глава израмни на 2-2.
Клучниот момент се случи во 81. минута, кога вардарци загубија топка на средината од теренот. Рига организираше брза контра преку Салазар, кој го проигра Реџиналдо во шеснаесетникот, а тој со приземен удар го совлада Талески за конечни 2-3.
До крајот на натпреварот Вардар се обиде да стигне до ново израмнување, но гостите успеаа да ја сочуваат предноста.
Реваншот меѓу Рига и Вардар ќе се одигра во вторник во Летонија.
