Над 12 илјади повици за помош биле примени во Центарот за управување со кризи по силното невреме што го зафати Скопје. Телефоните во институцијата не престанувале да ѕвонат ниту следниот ден, а сите пријави биле проследени до надлежните служби. Според директорот на ЦУК, Мухамед Али, барањата за интервенција пристигнале исклучиво од скопското подрачје, додека итните екипи постојано биле на терен.

Али изјави дека последиците од невремето биле санирани во Општина Чаир и во другите скопски општини, но дека екипите и денеска продолжуваат со расчистување и отстранување на преостанатите штети. Најголеми оштетувања биле регистрирани на неколку покриви од згради и на возила, а силниот ветер блокирал и повеќе улици. Во интервенциите биле вклучени и екипите на ЈП „Паркови и зеленило“.

„Екипите беа на терен и сите штети во Општина Чаир, но и во другите општини, беа санирани. И денеска екипите се на терен и работат на расчистување и отстранување на последиците од синоќешното невреме. Најголеми штети имаше на неколку покриви од згради, оштетени возила и на неколку улици кои беа блокирани од силниот ветер, но интервенираа и екипите на „Паркови и зеленило“ и сè е санирано“, рече Али.

Директорот на ЦУК се осврна и на состојбата со пожарите, кои во јули почесто се активираат, и истакна дека ситуацијата е под контрола. Според него, новиот систем за рана детекција овозможува пожарите да бидат лоцирани за само неколку секунди, по што веднаш се утврдува дали е потребна интервенција од воздух или од земја.

Системот во моментов е поставен на повеќе од 40 локации, а Али изрази надеж дека Владата следната година ќе обезбеди поддршка за негово проширување на територијата на целата држава. Известувањата за пожар се испраќаат во рок од 20 секунди преку електронска пошта, СМС-пораки и преку екранот на системот.

„Имаме повеќе од 40 локации, а се надевам дека следната година Владата ќе нè поддржи за системот да биде поставен на територијата на целата држава. Системот нè известува за 20 секунди каде има пожар и на која локација, преку електронска пошта, СМС-пораки и преку екранот“, рече Али.

Од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните и понатаму да ги пријавуваат сите итни случаи на бројот 112. Оттаму нагласуваат дека брзата реакција е клучна и при справувањето со последиците од невремето и при спречувањето на ширењето на пожарите.