Централна и западна Македонија: Поплавени површини, но без сериозни нарушувања

Состојбата предизвикана од обилните врнежи од дожд и снег на територијата на целата држава се следи и е стабилна, оценува вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во Битолскиот регион, на подрачјето на Општина Демир Хисар, се евидентирани заезерени површини на земјоделско земјиште во атарите на селата Граиште, Бараково, Единаковци, Света и Жван. Поради оштетен мост предизвикан од реката Боишка, локалниот пат кон селото Мренога е затворен за сообраќај.

Во Скопскиот регион, до овој момент не се пристигнати пријави за нарушувања поврзани со врнежите. Состојбата се следи и се оценува како стабилна. Слична е ситуацијата и во општините под надлежност на РЦУК Охрид, соопшти ЦУК.

Кичевски регион: Расчистување на последиците од поплавите

Во Кичевскиот регион, во текот на денот се вршеше расчистување на последиците од поплавите на улицата „Прилепска“. Активности спроведуваа механизација и човечки ресурси од ЈП Комуналец Кичево, Армија на Република Северна Македонија (касарна Кичево), волонтери од Црвен Крст и месното население.

Евакуираните лица се сместени во салата Христо Узунов, каде им се обезбедува храна и лекови. Од утре, 13.01.2026 година, е планирана дезинфекција на куќите на улицата „Прилепска“ и постепено враќање на раселените жители во нивните домови, информира ЦУК.

Велешки и Кумановски регион: Минимални проблеми и одрони

Во Велешкиот регион не е пријавено нарушување на редовната состојба, освен едно пријавено преку Е-112 за помали одрони на патниот правец Скопје – Велес. За нив е известена „Македонија пат“, која најави интервенција на дежурна екипа.

Во Кумановскиот регион, во Крива Паланка, ЈП Комуналец расчистува одрон кај Градскиот стадион од 11.01.2026 година. Во тек е чистење на терминалот на ГП Деве Баир, како и расчистување и посолување на локалните патишта кон селата Кркља, Трново и Подржи Коњ. Секцијата „Македонија пат – Крива Паланка“ информира дека сите патни правци се проодни, чисти и опесочени.

Механизација работи и на регионалниот пат П’клиште – Герман, кој е прооден во зимски услови. Секцијата „Македонија пат – Страцин“ известува дека сите патишта се проодни, освен делницата од село П’клиште до село Ѓерман, за која е испратен дополнителен камион за расчистување.

Тетовски регион: Отежнато движење и прекин на електрична енергија

Во Тетовскиот регион, во село Зубовце (Општина Врапчиште), патот е прооден, но движењето е отежнато поради замрзнат коловоз на околу два километри. Интервенција е најавена за утре. Во село Сенце (Општина Маврово) нема електрична енергија поради падната бандера. Известена е ЕВН – секција Гостивар.

Струмички и Штипски регион: Без нарушувања

Во Струмичкиот регион нема пријави за штети од врнежите, ниту опасност од излевање на реките, одрони или непроодни патишта. И на териториите под надлежност на РЦУК Штип не се евидентирани нарушувања на редовната состојба предизвикани од обилните врнежи од дожд и снег.