Ова е заклучокот од денешниот настан со кој беше одбележан Светскиот ден на туризмот, 27 Септември.
Министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски најавија дека приоритет во наредниот период ќе бидат дигитализацијата и промоцијата на земјава како атрактивна туристичка дестинација, додека претставниците од туристичкиот сектор побараа поддршката да продолжи и државата заедно со нив, да учествува во развојот на оваа стопанска гранка. Туризмот, според нив, уште трпи последици од корона пандемијата. Годинава, истакнаа, беше добра, но полоша од 2019-та, со двојно помал број чартер летови.
-Туризмот ги даде очекуваните резултати. Сезоната беше успешна благодарение на владините мерки и политики, креирани заеднички со приватниот сектор. „Дома си е дома“ и ваучерите за поттикнување на туризмот ги привлекоа домашните туристи, а безбедносниот печат значително придонесе за странските гости, рече Бектеши.
Туризмот, додаде, во светски рамки беше еден од најпогодените сектори.
-Владата го поддржа со конкретни мерки и активности. Според сите показатели, годинава се постигнати очекуваните резултати. Имајќи ги предвид бројките, мерките дадоа видливи резултати. Во периодот јануари – јули 2021 во однос на истиот период лани, бројот на туристи е зголемен за 56,6 отсто или регистрирани се 320.000 туристи кои оствариле над еден милион ноќевања, напомена Бектеши.
Директорот Јаневски укажа на промените кои ги предизвика корона пандемијата.
-Се менуваат пазарите и целните групи. Туристите се повеќе бараат природа, зелено, авантура. Понудите ќе бидат поинакви од оние досега. Ќе има се помалку масовни тури и повеќе селктивни форми на туризам. Тоа значи дека и промотивните канали преку кои треба да се обратиме до тие целни групи, треба да бидат дигитализирани. Агенцијата заедно со Министерството за економија и туристичките работници во наредните една до две години ќе ја создаде платфдорма Е-туризам, истакна Јаневски.
Агенцијата, најави Јаневски, во 2022 година повеќе ќе работи на дигитализација и на промоција, ќе се обиде да привлечеме што повеќе тур-оператори.
-Ќе се обидеме да ја конектираме земјава со другите дестинации, да имаме поголем реален туристички раст, да создадеме одржливост на дестинацијата. Ако 2020-та пораката беше зелено закрепнување, а годинава инклузивност – ни останува заднички да го градиме новиот туристички сектор, потенцира Јеневски.
Владимир Граматиков од Сојузот на стопански комори (ССК) рече дека финансиските пакети овозможија туризмот да остане на нозе, но поддршката мора да продолжи.
– Да продолжиме со развој на секторот, но заедно со државата. Туризмот уште трпи последици од корона пандемијата. Очекувам силна поддршка од државата, финансиска, но и во форма на промоција. Финансиските пакети донесени минатиот период дадоа ефект, но ако сакаме да се вратиме на здрави нозе, поддршката мора да продолжи. Ние ќе даваме предлози, очекуваме слух и од другата страна како досега. Очекуваме и поголема промоција, да ја вратиме државата повторно на светската мапа, да ја вратиме и довербата на странските туристи, рече Граматиков и додаде дека на туризмот треба да се гледа како на сектор кој може да придонесе за економско заздравување, зашто ефектите се видливи на краток рок.
Според него, оваа сезона е многу подобра од минатата.
-Очекувавме повеќе странски туристи, но се вратија само дел од традиционалните, како холандските и полските. Наредната година очекуваме повеќе да се вратат. Во аутгоинг туризмот резултатите се одлични. Најбарани дестинации беа Турција и Египет, потоа Грција и Албанија, рече Граматиков.
На настанот беше пренесена и пораката од Светската туристичка организација според која – не смее да се заборави никој, ни најмалиот чинител во државата.