Еден од водечките руски експерти за развој на хиперсонични ракетни системи е уапсен под сомнение за велепредавство, објави новинската агенција ТАСС.

Андреј Шипљук е шеф на хиперсоничната лабораторија на Институтот за теоретска и применета механика во Новосибирск. Во последниве години, тој ги координираше истражувањата поврзани со развојот на хиперсонични ракетни системи.

Според ТАСС, кој се повикува на еден од колегите на Шиплук, во институтот бил извршен претрес.

– Во институтот беа спроведени истражни активности. Тие се поврзани со нашиот директор Александар Шипљук, кој е уапсен, изјави за ТАСС директорот за наука во Институтот Василиј Фомин. – Тој се соочува со истите обвиненија како и Маслов (Анатолиј Маслов, главен научен соработник на институтот, кој беше претходно уапсен). Велепредавство“.

Според Фомин, Шипљук бил однесен во московскиот притворен центар Лефортово.

Д-р Александар Шипљук, познат руски научник и дописен член на Руската академија на науките, е специјализиран за динамика на аерогас со голема брзина и експериментално истражување на протокот на гас. Клучните области на неговиот истражувачки интерес вклучуваат експериментална аеротермална динамика на хиперсонични авиони со директни млазни мотори.

Главниот научен соработник на институтот Анатолиј Маслов беше уапсен под обвинение за велепредавство на 27 јуни и беше однесен во притворниот центар Лефортово во Москва. Извор близок до истрагата изјави за ТАСС дека тој е осомничен за споделување доверливи информации поврзани со хиперсонични истражувања. Неговиот случај го истражува Федералната служба за безбедност на Русија.

На 30 јуни, судот во Новосибирск одобри апсење на друг научник – Дмитриј Колкер од Институтот за ласерска физика на Сибирскиот огранок на Руската академија на науките. Колкер, исто така обвинет за велепредавство, имал рак во четврта фаза, но бил однесен од приватна клиника во притворниот центар Лефортово во Москва, каде што почина на 2 јули.