И вториот осомничен напаѓач на Христијан Пендиков е приведен од охридската полиција вчера, и се работи за 23-годишниот битолчанец. За него постои сомнение дека сторил кривично дело „тешка телесна повреда“ и после задржувањето во станица, тој ќе биде предаден на надлежното Јавно обвинителство.
Бугарската Фондација „Македонија“, чиј претседател е еден од приведените на Деве Баир за време на роденденот на Гоце Делчев и која се фалеше дека учествува во отварањето на бугарските клубови на својот фејсбук-профил објави дека вториот напаѓач на Пендиков синоќа сам се предал на охридската полиција. Инаку првиот осомничен напаѓач на Пендиков, против кого беше поднесено обвинение и кому му беше одредена мерка притвор, е пуштен на слобода, и одземен му е пасошот. За него веќе е закажано и првото судско рочиште што треба да се одржи на 28 февруари.
Дваесет и четиригодишниот охриѓанец, против кого беше поднесено обвинението, како што информира тогаш од Обвинителството, е обвинет дека заедно со уште едно лице на Пендиков му нанел тешки телесни повреди од омраза поради неговата националната и етничката припадност.