Голема полициска акција против организирана група во Малешевијата

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со повеќе полициски оддели и под раководство на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, спроведе акција во Берово и Пехчево. При тоа беше разбиена организирана група инволвирана во кривични дела како „злосторничко здружување“, „пустошење на шуми“, „давање и примање поткуп“ и „злоупотреба на службена положба“.

Уапсени 15 лица и одземени големи суми пари

Со судски наредби биле извршени претреси на повеќе локации, при што од слобода се лишени 15 лица, меѓу кои и службеници од МВР, ЈП „Национални шуми“ – подружница „Малешево“ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. При претресите биле пронајдени околу 185.000 евра, 318.000 денари, телефони, документација, ловечки оружја и муниција.

Обвиненија за нелегална сеча и корупција

Кривичната пријава опфаќа 15 физички и едно правно лице од село Двориште, беровско. Според обвинението, групата вршела нелегална сеча, транспорт и продажба на дрвна маса, со цел противправна корист на штета на државниот буџет. Дел од осомничените службени лица издавале фиктивни документи, оддавале информации за полициски контроли или посредувале при продажбата на нелегално исеченото дрво, за што добивале паричен надоместок.