Во рамките на одбележувањето на големиот јубилеј – 80 години музејска дејност на Народниот музеј Велес, денеска и утре се реализира проектот „Приказните на Велес низ детските очи“, наменет за учениците од основните училишта во градот.

На првиот ден од проектот, учениците посетија неколку значајни сакрални објекти во Велес и неговата околина – соборниот храм на Епархијата Повардарска „Свети Пантелејмон“ од 1840 година, ремек-дело на Андреја Дамјанов, црквата „Св. Јован Крстител“ – Маркова Меана од XIII–XIV век, црквата „Св. Димитрија“ од XIV и XIX век, како и црквата „Св. Недела“.

Како што информира Александра Гиовска кустос по историја на уметноста, проектот има за цел да ги доближи најмладите до богатото културно, историско и духовно наследство на градот Велес, поттикнувајќи го нивниот интерес, љубопитност и креативност преку непосредно запознавање со музејските содржини и културното наследство на Велес.

„Посебната вредност на проектот се согледува во тоа што Велес е претставен низ детските очи – преку нивните размислувања, доживувања, лични приказни и креативни изрази. На тој начин, најмладите не беа само посетители и слушатели, туку и активни учесници во создавањето на приказната за својот град. Секоја посета денеска беше проследена со интересна приказна и толкување на архитектонските, уметничките и духовните вредности што ги носат овие споменици на културата“, појасни Гиовска.

Главната цел на оваа активност, како што посочи, е да се разбудат љубопитноста и интересот кај најмладите за сакралните споменици како еден од значајните сегменти на нашето духовно и културно наследство.

„Преку непосредниот контакт со храмовите, нивната архитектонска убавина и богатата симболика што ја носат, децата денеска имаа можност да ја препознаат поврзаноста меѓу уметноста, верата и историјата. На тој начин, покрај стекнувањето нови знаења, кај нив ќе се развиваат и чувството на почит, љубов и одговорност кон зачувувањето на културното наследство“, појасни Гиовска.

Вториот ден од проектот ќе се одржи утре со почеток во 12 часот, кога во Спомен-куќата на Васил Главинов во Велес ќе биде реализирана едукативно-креативна работилница.