Најавените врнежи ќе придонесат за подобрување на влагата во почвата, што е особено важно за земјоделските култури во период на интензивен раст и формирање на приносот. Сепак, агрометеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредуваат дека влажното и потопло време создава поволни услови за појава и развој на растителни болести и штетници, па производителите треба редовно да ги следат посевите.
Во овој период, поголемиот дел од земјоделските култури се во фаза на берба, додека дел од нив се наоѓаат во клучни фази од развојот.
Компирот во одредени региони е во фаза на цветање и интензивно формирање на клубени, кога бројот и големината на приносот во голема мера зависат од временските услови. Во оваа фаза се препорачуваат редовно наводнување, прихранување, како и навремена заштита од болести, штетници и од плевели.
Градинарските култури, исто така, се во период на интензивен раст и имаат зголемена потреба од вода. Од УХМР потсетуваат дека секоја култура има критични фази во кои недостигот на влага може значително да влијае врз квалитетот и количината на приносот.
Кај овошните насади, дел од видовите се во фаза на зреење на плодовите, додека кај други веќе е во тек бербата.
Особено внимание, според агрометеоролозите, треба да ѝ се посвети на виновата лоза, која моментално е во фаза на интензивен пораст. Во вакви временски услови, постои зголемен ризик од појава на најзначајните заболувања, како што се пламеницата, пепелницата и сивото гниење, како и од напад на сивиот гроздов молец.
Поради тоа, од УХМР препорачуваат лозарите и другите земјоделски производители редовно да ги контролираат насадите и навремено да ги применуваат потребните мерки за заштита, со цел да се спречат поголеми штети врз приносот.
