Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека е завршено годишното оданочување на граѓаните за 2025 година. При тоа се евидентирани 863.100 годишни даночни пријави, а вкупниот пријавен оданочив доход достигнал 612,9 милијарди денари (9,95 милијарди евра).
Даночната управа констатира дека се уште има граѓани кои не отвориле кориснички профил преку кој се проверуваат даночните пријави, па така 158.657 пријави не се лично потврдени.
Од вкупно 704.443 пријави достапни ка корисничките профили 26.653 се лично потврдени од даночните обврзници, 1.145 се коригирани, а 676.645 се службено потврдени од УЈП.
Според податоците, 208.857 граѓани имаат обврска за доплата на данок, 313.519 имаат повеќе платен данок и право на поврат, додека кај 182.067 пријави нема разлика меѓу пресметаниот и уплатениот данок.
УЈП наведува дека само 617 даночни обврзници побарале враќање на повеќе платениот данок, во вкупен износ од 32,4 милиони денари.
Вкупниот пријавен доход за 2025 година изнесува околу 613 милијарди денари, а пресметаниот данок на личен доход достигнал 39,8 милијарди денари. Во споредба со 2024 година, пријавениот доход е повисок за 74,1 милијарда денари, додека пресметаниот данок е зголемен за 4,86 милијарди денари.
Најголем дел од пријавениот доход се однесува на приходи од работен однос, кои достигнуваат 458,6 милијарди денари или 7,44 милијарди евра. Следуваат приходите од капитал со 24,6 милијарди денари, приходите од продажба на сопствени земјоделски производи со 22,3 милијарди денари, добивките од игри на среќа со 11,1 милијарда денари, како и приходите од закуп, авторски права, самостојна дејност и други извори на доход.
