Паушалното оданочување овозможува поедноставен даночен режим
Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува самостојните вршители на дејност дека е отворен рокот за поднесување Барање за паушално оданочување (образец ДЛД) за 2026 година. Овој режим овозможува даночните обврзници да плаќаат фиксна сума на данок без обврска да водат деловни книги или евиденција, со што се олеснува нивното работење.
„Во рамки на овој режим, обврзникот не поднесува даночни пријави и даночни биланси, туку данокот се пресметува и плаќа во паушален износ, утврден од страна на Управата за јавни приходи со даночно решение, врз основа на законски утврдени критериуми како што се: видот на дејноста, локацијата, очекуваните приходи и други релевантни фактори,“ информираат од УЈП.
Право на паушално оданочување имаат самостојни вршители на дејност (СВД – занаетчии) кои ја вршат својата работа исклучиво со сопствен труд, без вработени лица. Примери се крпачи на кондури, бербери од помали места или постари лица кои самостојно ја вршат дејноста. Услов за користење е да не остваруваат приходи повисоки од две годишни просечни бруто-плати по работник во Република Северна Македонија.
Условите и ограничувањата за паушалното оданочување
УЈП додава дека правото не се признава за обврзници кои: вршат трговска, угостителска или комисиона дејност; имаат повеќе од едно лице вработено; имаат вложувања од други лица во дејноста; или оствариле нето-доход повисок од две годишни просечни бруто-плати во претходната година.
Сите обврзници кои веќе се во режим на паушално оданочување или сакаат да преминат во него имаат право секоја година, најдоцна до 31 декември, да поднесат ново Барање за наредната година. За новорегистрирани обврзници рокот е 15 дена од денот на регистрација или пред започнување со вршење на дејноста.
УЈП ќе спроведе теренска проверка за да се утврди фактичката состојба, вклучувајќи го местото на дејноста, опременоста и површината на просторијата, пазарните услови и други релевантни околности.
Даночните обврзници кои ги исполнуваат условите ќе добијат Решение за паушално оданочување најдоцна до 31 јануари 2026 година. Со решението се добиваат и аконтативни пресметки и налози за месечно плаќање на данокот, најдоцна до 15-ти за претходниот месец.
За дополнителни информации и поддршка, заинтересираните можат да се обратат на е-пошта: info@ujp.gov.mk и на телефоните 0800 33 000 и 02 3253 200.
