Судот во Кочани укина куќен притвор за Трајковски и Симеска-Димоска, воведени нови мерки на претпазливост

Драматичен пресврт во истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани – експретставниците на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски-Штраус и Анета Симеска-Димоска, се ослободени од куќен притвор, а како нова мерка за претпазливост им се одземени пасошите.

Двајцата се осомничени дека со своите постапки овозможиле дискотеката да работи без да ги исполнува основните услови, што се поврзува со смртоносниот пожар во кој животот го загубија 62 лица, а повредени беа 197.

Бектеши останува во притвор

Судот во Кочани донел одлука за укинување на куќниот притвор, постапувајќи по предлог на Обвинителството. Претходно, ексдиректорите беа во ефективен притвор, кој беше заменет со куќен, а сега и таа мерка е отповикана.

Порака од Трајковски по одлуката

По укинувањето на притворот, Трајковски се огласи преку објава на Фејсбук, споделувајќи фотографија од црквата „Св. Петка“ и симболична порака по повод Велики Петок.

„Во денови кога премолчени битки се водат и во тишина, вреди да се потсетиме дека само преку смирение, искреност и добрина можеме да изградиме подобро општество“, напиша тој.

Мерки и за синот на газдата на „Пулс“

Дополнително, по завршувањето на болничкиот третман, и синот на Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“, добил мерки за претпазливост.

Останатите инволвирани сè уште под различни мерки

Во ефективен притвор останува поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, додека неговите претходници Ваљон Сарачини и Беким Незири се во домашен притвор.

Поранешниот амбасадор Дритон Кучи, исто така поранешен министер, добил мерка на претпазливост. Во куќен притвор се и поранешните градоначалници на Кочани – Љупчо Папазов, Ратко Димитриевски и Николчо Илиев.

Извор: Република