Дејан Јованов – Деко, сопственикот на кочанската дискотека „Пулс“ и првообвинет во постапката за трагичниот пожар, преку својата одбрана понудил недвижен имот како гаранција за да му биде укинат притворот.

Според информациите објавени од „Слободен печат“, вредноста на имотот што е понуден како гаранција е околу 200.000 евра. Покрај недвижностите регистрирани на име на Јованов, во гаранцијата е вклучен и имот што е во сопственост на член на неговото семејство.

Одбраната со понудената гаранција бара Јованов да продолжи да се брани од слобода, со дополнителни мерки доколку судот оцени дека се потребни за да се обезбеди неговото присуство во постапката.

Според досегашните информации, притворот на Јованов истекува на 3 октомври, кога ќе се наврши една година од неговото определување. Неговата адвокатка Ивана Коцевска претходно најави дека ќе бидат предложени имотна гаранција и мерки на претпазливост.

Конечната одлука дали понудениот имот претставува доволна гаранција за неговото присуство во судската постапка треба да ја донесе судот.

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжува. Во несреќата на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, додека повеќе од 200 беа повредени.