Украина и САД постигнаа договор за експлоатација на ретки минерали, откако Вашингтон се согласил на неколку амандмани предложени од украинската страна.

„Постигнавме договор со бројни добри амандмани и ова го гледаме како позитивен исход“, изјави висок украински функционер.

Што содржи договорот?

Според американските медиуми, Вашингтон се откажал од првичното барање да добие минерали во вредност од 500 милијарди долари, но истовремено не ѝ дал на Украина цврсти безбедносни гаранции, што беше клучно барање на Киев.

Првите услови од нацрт-договорот за минерали меѓу САД и Украина се откриени

Договорот треба да биде официјално потпишан оваа недела, при што украинскиот претседател Володимир Зеленски се очекува да отпатува во Вашингтон на средба со Доналд Трамп.

Трамп: „Украина во замена ќе го добие правото да се бори“

Без да потврди дека договорот е официјално завршен, Трамп даде контроверзна изјава, наведувајќи дека Украина ќе добие поддршка да продолжи да се бори.

„Тие беа многу храбри, но без американските пари и воена опрема, оваа војна ќе завршеше за многу кратко време,“ рече Трамп.

Запрашан дали САД ќе продолжат да ја снабдуваат Украина со воена опрема, Трамп одговори:

„Можеби додека не постигнеме договор со Русија. Ни треба договор, инаку војната ќе продолжи. Ќе има потреба од некакви мировни сили откако ќе се постигне договор, но тоа мора да биде прифатливо за сите“.

Тензична реторика меѓу Трамп и Зеленски

Договорот за ретки минерали доаѓа само една недела откако Трамп го нарече Зеленски „диктатор“ и ја обвини Украина за почеток на војната со Русија.

Претходно, Зеленски одби да го потпише нацрт-договорот, велејќи дека не обезбедува никакви безбедносни гаранции за Украина.

Трамп, пак, изјави дека САД ѝ дале на Украина меѓу 300 и 350 милијарди долари. Тој сега сака да ги врати тие пари на американските даночни обврзници.

Украина – клучен играч на пазарот на ретки минерали

Според украински извори, Вашингтон морал да отстапи од некои свои построги барања. Сепак, многу детали од овој договор ќе бараат дополнителни преговори.

Се проценува дека 5% од светските резерви на критичните сурови материјали се наоѓаат во Украина. Toa вклучува:

19 милиони тони резерви на графит
Една третина од европските резерви на литиум

Овие ресурси ја прават Украина стратешки важна во глобалната економија. Договорот со САД може значително да влијае врз нејзината иднина.