Украина денеска ја прослави првата годишнина од ослободувањето на Херсон, „градот синоним за надеж“, на датум што го означува и почетокот на амбициозната контраофанзива што Киев ја започна против Русија.
На 11 ноември 2022 година, украинските сили ставија крај на осуммесечната руска окупација на овој голем град во јужна Украина.
Херсон бил првиот голем град и единствениот регионален главен град кој паднал во рацете на Русите на почетокот на војната, пренесуваат западните агенции.
Освен што беше одлична вест за Киев, таа беше и симболична – Херсон беше првиот голем град и единствениот регионален главен град што падна во рацете на Русите на почетокот на нивната инвазија на Украина, започната во февруари 2022 година. Денес, украинскиот претседател Володимир Зеленски му оддаде почит на „градот синоним за надеж“ и го пофали неговото „херојство“.
„Денес одбележуваме една од годишнините што ја зајакнува довербата на Украинците во нивните способности“, рече Зеленски во видео пораката објавена на неговиот канал на Телеграм.
„Оваа година Русија ни се одмазди за ослободувањето на Херсон и нашите други градови што ги ослободивме. Се соочуваме со секојдневни бомбардирања“, рече Зеленски, додавајќи дека ноќта кон саботата наутро, од беспилотни летала биле истрелани речиси 40 проектили кон Украина.
Во Херсон сега, во страв од речиси секојдневните руски бомбардирања, живеат само околу 60.000 луѓе во споредба со 300.000 пред војната.
Но, украинските сили и една година откако ја прославија победата во Херсон, не можат да прослават победи во другите градови, бидејќи контраофанзивата, започната во јуни, не резултираше со очекуваниот напредок.
Врховниот командант на украинската армија, Валериј Залужни денеска потсети дека неговите војници продолжуваат да се борат и решително да ја бранат својата земја, додавајќи дека е „убеден дека заедно ќе победиме“.
На почетокот на ноември, тој предизвика контроверзии кога изјави дека војната е „во ќорсокак“, тврдење што и Володимир Зеленски и Кремљ категорично го отфрлија.