Тветка Тодорова, една од петтемина осудени за најголемата измама со социјални давања во историјата на Велика Британија, вратила само 18.228 фунти од парите што ѝ било наложено да ги исплати. Таа лично стекнала 263.514 фунти од измамничката шема со која британската држава била оштетена за 54 милиони фунти.
Педесет и четиригодишната Бугарка била дел од група што со илјадници лажни барања за „Universal Credit“ ги оштетила британските даночни обврзници. Во мај 2024 година таа била осудена на три години затвор.
Тодорова излегла од затвор кон крајот на 2025 година, а на рочиштето за одземање имот, одржано во јануари, ѝ било наложено да врати 101.201,78 фунти.
Досега, меѓутоа, таа исплатила само 18.228,14 фунти, што е помалку од една петтина од сумата што ја должи. Во јули го пропуштила рокот за враќање на парите, по што на преостанатиот долг почнала да се пресметува камата.
Запрашана зошто не ги вратила парите, Тодорова се пожалила на здравствени проблеми и одбила дополнително да го коментира случајот.
„Не сакам да разговарам за ова“, му рекла на новинарот низ прозорецот на катот од нејзината куќа.
„Со мојата здравствена состојба, ова е веќе премногу. Никој не смее да доаѓа во куќата и да ме вознемирува поради што било. Во Велика Британија има многу вакви случаи, мојот трае веќе пет години и луѓето ме вознемируваат“, додала таа.
По излегувањето од затвор, Тодорова успеала повторно да добива социјална помош. Заедно со сопругот се пријавила за „Universal Credit“, а според нејзиното тврдење, тој прима 1.300 фунти месечно.
Британското Министерство за труд и пензии – DWP започнало ревизија на случајот. Од институцијата било соопштено дека Тодорова ќе мора да ги врати и социјалните давања што ги примила по излегувањето од затвор.
Во претходно интервју дадено од својот дом во Ерит, во југоисточен Лондон, Тодорова зборувала за начинот на живот што го финансираат британските даночни обврзници.
„Ми се допаѓа овде, добро ми е и ова ми помогна. Повторно примам социјални давања од 30 декември. Тоа ќе биде околу 200 фунти месечно. Немам право да работам. Мојот сопруг добива повеќе од 1.000 фунти месечно преку Universal Credit“, рекла Тодорова.
Во друга изјава таа тврдела дека британските власти тешко ќе можат да ѝ го запленат имотот бидејќи најголемиот дел се наоѓа надвор од земјата.
„Нашето место во Лондон е изнајмено. Имаме куќа со две спални во Бугарија, која обвинителството ја процени на 90.000 фунти, но не можат да ја допрат. Во брак сме и куќата е на име на двајцата. Мојот сопруг нема никаква врска со случајот“, изјавила Тодорова.
Таа сега тврди дека е депресивна и дека страда од висок крвен притисок поради случајот.
Тодорова и уште четворица бугарски државјани – Галина Николова (40), Стојан Стојанов (29), Ѓунеш Али (36) и Патриција Панева (28) – користеле лажни идентитети за да поднесуваат измамнички барања за социјална помош. Шемата се спроведувала пет години, од октомври 2016 до 2021 година.
Од јануари годинава, сите членови на групата, освен Али, биле пуштени од затвор. Тие се наоѓале на имиграциска кауција додека чекале депортација.
Групата украла 6.000 идентитети, кои ги користела за поднесување барања за „Universal Credit“. Како дел од измамата биле злоупотребувани и имињата на деца што живеат во Бугарија.
Осомничените основале три таканаречени „фабрики за социјална помош“ во Лондон. Во нив изработувале лажни договори за закуп, фалсификувани платни листи и лажни писма од станоиздавачи, работодавачи и матични лекари.
Документите ги користеле за да го измамат британското Министерство за труд и пензии и да добиваат социјални давања врз основа на невистинити податоци.
Групата била откриена дури откако бугарски полицаец ги известил британските власти дека криминалци во градот Сливен одеднаш почнале да располагаат со големи суми готовина.
Според достапните информации, британските власти досега успеале да повратат околу еден милион фунти од членовите на групата, а бараат враќање на уште еден милион.
Тоа претставува само мал дел од вкупно 54 милиони фунти што групата ги украла. Дел од парите биле потрошени на луксузни автомобили, дизајнерска облека и скапи часовници.
Обвинителот Гарет Мандеј на рочиштето изјавил дека сумите што се бараат од осудените се износи што властите можеле „реално да ги следат“. Една од членките на групата признала дека префрлала готовина во странство.
