Долгот од 14 милиони евра кој членовите на Управниот одбор на Акционерското друштво МЕПСО го отпишале бил акумулиран на почетокот на енергетската криза во 2021 г. кога за потребите на 4 фирми – трговци со струја, МЕПСО влечела електрична енергија од европската мрежа, се нотира во извештајот на Државниот завод за ревизија

Овој износ МЕПСО го книжи како трошок на компанијата, кој потоа го пријавува во Регулаторната комисија на енергетика. Според ревизијата ваквиот трошок има влијание и во утврдување на крајната цена за електрична енергија, која ја плаќаат домаќинствата. Од отпишаниот долг во март година МЕПСО успева да наплати само мал дел.

За да го покрие кусокот од електрична енергија МЕПСО во 2021 година, на почетокот од енергетската криза, од европската мрежа повлекла струја во вредност од 68,5 милиони евра. Пет пати повеќе од претходната година. Оваа струја беше користена за потребите на ЕСМ и за трговците со струја. ЕСМ веќе му исплатила на МЕПСО 25 милиони евра за својот долг.

Во услови кога се забележани тешкотии во наплатата на побарувањата, Секторот за финансиски работи доставил барање до УО на АД МЕПСО со предлог за нивна резервација. Со одлука на УО побарувањата биле резервирани, за што соодветно се евидентирани трошоците и извршен е отпис по пат на исправка на вредноста и истите се искажани како непризнаен расход во даночниот биланс“, пишува во извештајот на ДЗР.

Телма претходно пишуваше дека три фирми трговци со струја, на МЕПСО му должат милиони за баласнираната енергија, „У Повер“, компанија на синот на поранешниот вицепремиер Муса Џафери, „Енергија гас и Повер“, и „Мист Енерџи“. Овие фирми добија и забрана да тргуваат со струја. Но, некои најдоа начин, го променија името и се вратија во игра. Тоа се случи со Мист Енерџи која се врати на пазарот со електрична енергија.