Државната изборна комисија (ДИК) вчера ја поништи потврдената листа на Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ) за членови на Советот на Град Скопје, поради тоа што на листата имало починато лице.

Од ДИК соопштија дека на 17 октомври, по добиени информации, утврдиле дека на поднесената листа има лице кое починало, по што била донесена одлука за нејзино поништување.

По оваа одлука, ДНЕТ поднел тужба до Управниот суд, но, како што информираа денеска од ДИК, судот ја одбил тужбата и ја потврдил нивната одлука.

„Ние ја добивме одлуката и таа ќе биде објавена дека тужбата е одбиена, а одлуката на Државната изборна комисија е потврдена. Тоа значи дека одлуката на Државната изборна комисија останува во сила и сите евентуални гласови за Совет на Град Скопје што би биле дадени за оваа листа, за оваа политичка партија, според нашата одлука, ќе се сметаат за неважечки“, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Тој појасни дека избирачките одбори, општинските изборни комисии и Градската изборна комисија на Скопје добиле насоки сите гласови дадени за оваа листа да се евидентираат како неважечки во записниците.