Судијата Андреј Димовски бара ново оценување поради неправилности во постапката
Судијата Андреј Димовски од Граѓанскиот суд поднесе тужба пред Управниот суд против Судскиот совет. Со тужбата бара поништување на решението за негово оценување. Тој смета дека бил неправедно бодуван, што директно влијаело на неговото изоставување од листата за унапредување во Апелацискиот суд, објави „Алфа“.
Европските стандарди во фокус – се повикува на член 6 од ЕКЧП
Во тужбата, Димовски се повикува на Европската конвенција за човекови права, поточно на член 6, кој гарантира правично судење. Според него, пропустите во примената на прописите од страна на Судскиот совет претставуваат прекршување на овие обврски што државата ги има преземено.
„Начинот на непремена на прописите беше неисправен до тој степен што претставуваше повреда на позитивните обврски на државата“, изјави Димовски.
Адвокатката Јандриоска: Советот ги игнорираше претходните пресуди
Адвокатката на судијата, Билјана Јандриоска, посочи дека иако постоеле претходни одлуки од Управниот и Врховниот суд во корист на Димовски, Судскиот совет не ги испочитувал. Таа додаде дека изборот на шест судии во Апелација продолжил без да се коригираат утврдените неправилности.
„Претходната пресуда содржеше низа забелешки, кои Судскиот совет не ги отстрани. Тоа ќе го утврдиме преку доказна постапка“, рече Јандриоска.
Судскиот совет со контра аргументи – се повикува на законска постапка
Од Судскиот совет возвратија дека оценувањето од декември 2023 година е извршено согласно Законот од 2019, а решението што го укинал Врховниот суд се однесувало на приговор, а не на оценката на Димовски.
„Судијата претходно веќе водел правна постапка за иста правна работа,“ изјави претставникот на Судскиот совет.
Можно враќање на постапката – неизвесна судбина на шест унапредени судии
Доколку Управниот суд ја прифати тужбата, постои можност постапката да се врати на почеток, што би можело да влијае на изборот на шесте судии кои неодамна беа унапредени во Апелацискиот суд. Станува збор за: Елизабета Настов, Софија Миленкова, Цветанка Сиљаноска Костадиновска, Кети Германова, Благица Ѓошевска и Артан Лимани.
Изборот на Судскиот совет под лупа – тригодишно доцнење и јавни критики
Изборот на овие судии дојде три години по распишувањето на огласот и е под засилено внимание на јавноста и експертската заедница, која посочува на повеќе нерегуларности, особено во критериумите за оценување и транспарентноста на процесот.
Извор: Алфа ТВ