Надлежните судски органи во швајцарскиот град Луцерн одлучија да го казнат репрезентативецот и капитен на фудбалската селекција на оваа земја, Гранит Џака, со парична казна од 150.000 франци поради фалсификуван Ковид тест за време на пандемијата.

Информацијата во јавноста ја сподели самиот фудбалер, со појаснување дека изречената казна е условна. Доколку Џака во следните две години не направи ново прекршување на законите во Швајцарија, нема да има обврска да ја плати наведената сума.

„Пред неколку недели лично се обратив овде и изјавив дека ја преземам одговорноста за мојата одлука. Стојам зад тоа. Откако дадов целосна изјава пред јавното обвинителство, обвинителот донесе одлука. Со казнен налог, осуден сум поради прибавување лажна потврда, на условна парична казна во висина од 50 дневни износи по 3.000 швајцарски франци, со условен период од две години. Тоа значи дека казната нема да се изврши доколку во тој период не сторам ново кривично дело. Веќе ги платив судските трошоци. Ја прифаќам одлуката и ја преземам одговорноста. Ви благодарам за бројните пораки за поддршка во изминатите недели, тие многу ми значат“, порача Гранит Џака.