Иранскиот апелациски суд ја потврди казната за пејачката Парасту Ахмади, која во декември 2024 година одржа концерт без задолжителен хиџаб и го пренесуваше во живо на „YouTube“. Покрај 74-те удари со камшик, таа и уште осум лица добија двегодишна забрана за аудиовизуелни активности и напуштање на земјата.

Апелацискиот суд во Иран ја потврдил казната од 74 удари со камшик за познатата пејачка Парасту Ахмади поради настап без задолжителен хиџаб, соопштија нејзините адвокати.

Ахмади одржа концерт во декември 2024 година, облечена во фустан без ракави, а настапот го пренесуваше во живо на својот канал на „YouTube“. Иранските закони им забрануваат на жените да настапуваат во јавност, а од нив се бара да носат шамија и друга облека што го покрива телото.

Иранското правосудство покрена постапка против 29-годишната пејачка откако снимката од нејзиниот настап стана вирална и собра милиони прегледи. Властите тогаш соопштија дека настапот бил „спротивен на законските и културните прописи на земјата“.

Кривичниот суд во Кум во јуни ги прогласи Ахмади и уште осум членови на нејзиниот бенд и продукцискиот тим за виновни по обвиненија меѓу кои и „навредување на јавниот морал“ преку објавување „безобразна и непристојна содржина“. Покрај 74-те удари со камшик, ним им е забрането две години да се занимаваат со аудиовизуелни активности и да ја напуштаат земјата.

Адвокат: Апелацискиот суд не одржал рочиште

Во петокот повисокиот суд ја одбил жалбата на обвинетите без одржување рочиште, според нивните адвокати.

– Според нашето мислење, одржувањето концерт воопшто не беше кривично дело. Првостепениот суд изрече една од најстрогите казни за овие обвиненија, иако беа достапни и парични казни и поблаги санкции – изјавил еден од адвокатите за „Би-би-си“.

– Апелацискиот суд, иако имаше можност да одржи рочиште, не го стори тоа и ја потврди пресудата. Се чини дека главната причина за донесувањето на таквата одлука е да се спречи повторување на слични настани – додал тој.

Незадоволство на социјалните мрежи

Веста за првичната пресуда предизвика бројни реакции меѓу Иранците на социјалните мрежи.

– Нека завршат овие мрачни денови и нека жените ја вратат слободата да одлучуваат како ќе живеат и како ќе се облекуваат, а уметничкото изразување повторно нека процвета во нашата сакана татковина – напиша тогаш на „Инстаграм“ прогонетата пејачка Гугуш.

Музичарот Хосеин Ализаде изјави дека е „подготвен да прими 70 удари со камшик наместо Парасту Ахмади“.

Пресудата ја осудија и активисти за човекови права. „Амнести интернешенел“ предупреди дека „камшикувањето претставува сурово, нечовечко и понижувачко казнување и ја крши апсолутната забрана на тортура и други форми на малтретирање“.

Во јануари 2024 година, курдско-иранската активистка Роја Хешмати доби 74 удари со камшик откако беше осудена за „кршење на јавниот морал“ поради фотографија што ја објавила на социјалните мрежи, на која била без хиџаб.

Според курдската организација за човекови права „Хенгав“, Хешмати изјавила дека полицајка во канцеларијата на обвинителството во Техеран насилно ѝ ставила шамија на главата, по што полицаец ја удирал по рамената, грбот, колковите и нозете.

Смртта на Махса Амини предизвика масовни протести

Според иранските закони, кои се темелат на толкување на шеријатското право, жените и девојчињата кои достигнале пубертет мора да ја покриваат косата со хиџаб и да носат долга, широка облека што ги прикрива контурите на телото.

Иран беше потресен од протестите во 2022 година по смртта во притвор на Махса Амини, 22-годишна Курдка, која иранската полиција за морал ја приведе во септември истата година поради наводно неправилно носење хиџаб.

На протестите ширум земјата, жените ги палеа или ги вееја своите шамии во знак на протест против свештеничкото раководство. Стотици луѓе беа убиени од безбедносните сили во задушувањето на протестите.

Оттогаш, многу жени и девојки излегоа во јавност без да ја покриваат косата, отворено спротивставувајќи им се на правилата за облекување. Властите одговорија со повремени бранови апсења, предупредувања, затворање бизниси и други мерки.

Властите во последните месеци се фокусираа на војната

Зборувајќи претходно овој месец за спроведувањето на правилата за хиџабот, конзервативниот политичар Голамали Хадад-Адел, член на Советот за целисходност, кој истовремено е свекор на врховниот лидер Мојтаба Хамнеи, изјави дека војните на Иран со САД и Израел значат дека властите „во овој момент не можат да посветат на ова прашање внимание какво што би требало“.

Војната започна кон крајот на февруари, само неколку недели откако иранските безбедносни сили насилно го задушија новиот бран масовни протести предизвикани од економската криза во земјата, во кои загинаа илјадници луѓе.

Извор: Плусинфо