Уставниот суд денеска ќе ја одржи 35-та седница на чиј дневен ред се три иницијативи за оценување на уставноста и законитоста.

Првата иницијатива, чиј подносители се адвокати Владимир Стојкоски и Глигорие Ќатоски се однесува на оспорување на член 17 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007, 167/2010 и 104/2015).

Според подносителите во иницијативата, членот 17 од Законот за државното правобранителство не е во согласност со членот 53 од Уставот, бидејќи е нејасно како може државен орган да определува, односно побарува трошоци на постапка по тарифа која е предвидена за работа и надомест исклучиво на адвокатите и врз основа на тоа од страна на судовите да определуваат и досудуваат трошоци согласно адвокатската тарифа во корист на Република Северна Македонија.

Определувањето на трошоци по оваа тарифа на други субјекти, според подносителите на иницијативата, е неосновано, бидејќи согласно Уставот адвокатурата е самостојна и независна јавна служба којашто обезбедува правна помош и врши јавни овластувања согласно закон.

Втората иницијатива предложена од Синдикат на полиција во Македонија – Велес се однесува на оспорување на член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.149/2021)

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 5 од Колективниот договор e во спротивност со член 37 од Уставот и со член 184 став 1 од Законот за работните односи. Според подносителот, со оспорениот член 5 од Колективниот договор како единствен синдикат незаконски e наметнат Македонскиот полициски синдикат, што смета дека е спротивно на Уставот, тргнувајќи од тоа што и другите синдикати опстојуваат и функционираат во рамките на Министерството за внатрешни работи.

Со незаконска примена и толкување на оспорениот член од Колективниот договор, според Синдикат на полиција во Македонија, Македонскиот полициски синдикат се става во улога над Министерството за внатрешни работи и над Уставот, бидејќи истиот не е единствен синдикат во МВР.

Третата иницијатива, чиј подносител е Димитрија Атанасовски, се однесува на оспорување на Одлуката за изменување на Одлуката за утврдување на стапката на данок на имот, бр.07-3165/26 од 29.12.2008 година, донесена од Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид” бр.10 од 30.12.2008 година)

Според подносителот на иницијативата, Советот на Општина Охрид не може да пропишува нови даноци, ниту повисоки стапки од тие определени во Законот, па од тие причини смета дека Одлуката на Советот на Општина Охрид е во спротивност на член 6 од Законот за даноците на имот и член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот.