Во исто време, премиерот Зоран Заев изјави дека разговорите со Бугарија за изнаоѓање решение за отворените прашања и надминување на ветото за ЕУ ќе продолжат веднаш откако ќе се формира влада во Софија по предвремените избори во земјата одржани претходно овој месец.
Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција по Регионалниот економски форум во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, Заев вчера укажа дека и Бугарија е добредојдена да се приклучи на оваа иницијатива, иако е членка на ЕУ.
– Посакувам Бугарија навистина да направи влада. Тоа е добро и за Бугарија и за бугарскиот народ, секако и за регионот. Добро е и за Северна Македонија. Штом ќе се направи влада, ние рековме продолжуваме да разговараме се додека најдеме решение. И како што ние и нашите граѓани сега одат со лични карти низ нашите граници, каде што ги разменивме ресурсите за справување со катастрофи, па ќе можат и тие да се приклучат доколку сакаат. Затоа што ова е Балкан. Иако се земја членка на ЕУ, зошто не. Така што ова го испраќам како порака дека мал ни е регионот, мораме да соработуваме, да си помагаме, пред се, заради нашите граѓани, а секако и понатаму да се интегрираме затоа што тоа, исто така, носи придобивка за нашите граѓани, рече Заев прашан дали очекува по изборите во Бугарија да се придвижат работите.
Резолуцијата во Собранието беше изгласана со 95 гласови „за“, а еден беше воздржан. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата, Република Северна Македонија.
Пратеникот од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, образложувајќи ја потребата за усвојување на Предлог-резолуцијата рече дека со целосен консензус за нејзино донесување, пратениците имаат можност да покажат силно единство, подготвеност за рационален дијалог и компромис и јасно изразена волја во насока на забрзување на европската перспектива и зацврстување на државниот и национален суверенитет на државата.
– Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ. Тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации. Токму затоа со оваа Резолуција посакуваме да ставиме крај на постојано присутните тенденции на негирање на волјата на народот и на преговори без граници за теми и дилеми кои припаѓаат во вековите од далечното минато, кажа Муцунски.
Тој посочи дека со Резолуцијата на македонската дипломатија и се дава цврста алатка во раце, со која на меѓународната сцена одговорно ќе се грижа за целосна заштита на македонскиот идентитет, традициите, етнокултурна посебност, колективен интегритет, заеднички економски живот и наративот за припадност на одреден и географски простор.
– Ова се нашите црвени линии, ова е тоа преку коешто никој ниту имал, ниту ќе има мандат да премине. Преку ова дело го поставуваме никулецот кој ќе ја воздигне нарушената гордоста на нашите граѓани, на нашата нација и држава, рече Муцунски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека за социјалдемократите е прифатлива Резолуцијата, но, со прифаќање на нивниот амандман со кој во неа се внесува уставното име Република Северна Македонија, со цел таа да биде во согласност со Уставот.
– Македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската посебност се меѓународно признаени и потврдени, влезени во нашата лична карта во Обединетите нации. Нашите меѓународни позиции се јасно поставени и не знам по колку пати јавно повторени-за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност, немало, нема и никогаш нема да има преговори. Едноставно, не може да се преговара за тоа што е неспорен факт. Денес, за целиот свет ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик, рече Митрески.
Тој рече дека иако јавно ги кажале своите позиции дека не се преговара за македонскиот јазик и идентитет, ќе ја поддржат резолуцијата за да стават крај на лагите кои се шират за национално предавство на СДСМ.
– Втората поважна причина за којашто ја прифаќаме Резолуцијата е таа дека треба да излеземе пред граѓаните и да им кажеме да немаат никакви дилеми затоа што ние имаме јасна цел, а тоа е евроатлантскиот пат и ние ќе станеме членки на ЕУ како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, повлече Митрески.
Координатор на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи се изјасни дека ќе ја поддржат Резолуцијата, но побара од лидерите на најголемите македонски партии да иницираат уставни измени со кои Албанците нема да бидат само процент над 20 отсто, туку државотворен народ.
– Ние како држава треба да бидеме дел од ЕУ. Ние треба да негуваме добрососедски односи. Трето, што сакам да напоменам, е дека за македонскиот идентитет, од Албанците, и од Косово и од Албанија и од овде, немало никаква пречка. Сме го поддржувале и ќе го поддржуваме правото на лично самоопределување, изјави Реџепи.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми се изјасни дека интегративците ја поддржуваат Резолуцијата. Тој говореше за идејата за создавање на ЕУ и да не се дозволи повторување на 20 век.
– Блокадите кон една држава аспирант, не и штетат само на неа, туку и на ЕУ. Блокадата на европската интеграција на Северна Македонија, е блокада на целиот процес на проширување на Европската унија и без сомнеж ќе се рефлектира и кон другите членки од регионот, рече Адеми, кој нагласи дека државата заслужува да ги почне преговорите со ЕУ.
Пратеникот од Движењето БЕСА Кастриот Реџепи се изјасни дека ја поддржува Резолуцијата, со напомена дека е еден од потписниците на амандманот за внесување во неа на уставното име.
И пратеникот од Левица Димитар Апасиев се изјасни дека ја поддржуваат Резолуцијата, која ја оцени како „бенигна“, пишувана со дипломатски манири, и напомена дека неговата партија е за по „хардкор“ варијанта.
– Овие документи кои ние ги носиме како резолуции и декларации се само симболични. Вистината е една – Македонци имало, има и ќе има, без оглед дали политичарите преговараат како ќе им се вика јазикот, државата и друго, рече Апасиев.
Тој смета дека државата треба да се фокусира и на алтернативи оти многу долго ќе остане во чекалницата на ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави Резолуцијата со која јасно се оцртуваат националните и државните позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет.
– Изразуваме задоволство што Собранието ја задржа содржината на Резолуцијата. Таа остана во содржината таква каква што ја достави нашата пратеничка група, истакна претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција.
Тој дека текстот на Резолуцијата е базиран на научни темели и аргументи.
– ВМРО-ДПМНЕ покажа и докажа дека има здрав политички концепт кој овозможува истовремено градење на цврсти позиции за македонските национални и државни интереси со консензус. Потврда на евроинтегративните просеци на Македонија, но и капацитет за обединување на сите чинители околу вакви, според нас, суштински прашања, потенцираше Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изрази благодарност до политичките субјекти кои, како што рече, искрено, но и на оние кои помалку искрено ја поддржаа Резолуцијата.
– Ние сме рационални и знаеме дека зборот на власта не трае ни пет минути, но сметаме дека ваквата Резолуција, како акт на законодавниот, највисок демократски дом, не може и не смее да биде прекршен и ќе биде обврзен акт за оваа и секоја идна влада, претседател на држава и секоја институција во однос на идентитетските теми и прашања. Овој процес и оваа Резолуција во нормални услови требаше да биде водена од власта во Македонија, а не од опозицијата, бидејќи тоа ќе бише израз на политичка одговорност и дека токму најодговорните во една држава се најсвесни за потребата да се гради единство во Македонија во однос на овие прашања, рече Мицкоски.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане посветена на двата клучни приоритети кои се еднакво важни и неразделни, а тоа се евроинтерациите на Македонија и заштита на македонските национални и државни интереси.