Во оваа фаза ќе бидат имунизирани граѓани од критична инфраструктура – луѓе што работат, МВР, АРМ, новинари, служби од Град Скопје и сите што имаат контакти – возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработените на патарините… Според планот, вакцинацијата со 20 000 руски вакцини „Спутник“ што ги донираше Србија, ќе се одвива на 48 пункта.
Во салата вчера беше направена проба како ќе функционира и ќе се координира масовната вакцинација – местата каде ќе се прави приемот на граѓаните, потоа индивидуалниот преглед и вакцинирањето, пунктови каде ќе се издаваат потврди со термини за ревакцинација, местото за фижидерите за вакцините…
Ќе има тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени, места за 15-20 минути опсервација по завршување на вакцинирањето и обележани делови за Итна медицинска помош ако е потребно.
Министерот Венко Филипче при посетата на А1 Арената изјави дека на почеток во просек околу 4000 луѓе на ден ќе бидат вакцинирани низ дражавата, а верува дека за кратко време ќе се исполни и планот да се достигнат 7000 термини дневно, кога системот ќе профункционира во целост.
– Верувам дека системот добро ќе фунциноира. Овде го реплицираме на многу поголем простор оној систем што го имавме во Модуларната болница каде се вакцинираа здравствените работници. Верувам дека граѓаните ќе имаат и желба и волја да се вакцинираат.. Со доаѓањето нови и поголеми количини вакцини овој месец, ќе се намалува се повеќе старосна граница, изјави Филипче, кој е задоволен од досегашниот тек на процесот на вакцинација низ пунктовите во земјава.
До петокот беа вакцинирани 1300 граѓани.
На новинарско прашањето зошто масовното вакцинирање не почна уште овој викенд, министерот за здравство одговори дека му пристапуваат внимателно на процесот, затоа е и денешната симулација за текот и координацијата, но дека кога ќе профункционира, вакцинирањето во салата ќе се одвива седум дена неделно, а термините дневно ќе се зголемуваат како што ќе пристигнуваат нови количини вакцини.
– Битно е да се постави системот, за кога ќе тргне, проблемите да се минимизираат, додаде Филипче.
Соопшти дека овој месец ги очекуваме и останатите дози вакцини и секоја количина, рече, точно ќе се знае каде ќе оди.
За вакцините на „Астра Зенека“ се чека официјална одлука од Бордот на ЕМА. Засега се аплицира само кај постари граѓани и досега официјално не е пријавен ниту еден несакан ефект, исто како и од другите вакцини што се даваат. Единствен проблематичен случај е со 28-годишната девојка кај која се појавила тромбоза на вена на окото по примањето на „Астра Зенака“.
За масовната вакцинација, во А1 Арената ќе бидат ангажирани и вработени во администрација од Министертство за здравство, здравствените домови, Институтот за јавне здравје…
Во последните 24 часа се регистрирани нови 1.394 случаи на Ковид-19, 45 починати и 479 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје.
Ќе се вакцинираат и медиумските работници
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во координација со Министерството за здравство, минатата недела спроведоа акција за пријавување на новинари и медиумски работници за вакцинација против Ковид-19.
На повикот на ЗНМ и ССНМ се пријавија вкупно 758 лица од кои 631 ги исполнуваат условите за првата фаза во поглед на возрасната граница, хронична болест, односно активни новинари и медиумски работници. Овие лица, во најбрзо време ќе бидат контактирани од страна на претставници на здравствените власти и ќе бидат известени за точен термин за вакцинација која ќе започне од понеделник во А1 Арената во Скопје.
Останатите 127 пријавени лица кои претежно беа помлади од 40 години или беа дел од административните служби или служби за одржување во медиумите ќе бидат земени во предвид во вториот круг на имунизација на медиумски работници, кој е предвиден да се реализира веднаш по пристигнувањето на следната пратка на вакцини што се очекува во следните неколку недели.
На овој повик, одговорија новинари и медиумски работници од вкупно 110 традиционални и онлајн медиуми од целата држава.