Согласно претходното донесената одлука, ноќта меѓу 12 и 13 мај ќе нема забрана за движење на населението, за време на празникот Рамазан Бајрам. Забраната за движење на населението во периодот од полноќ до 4 часот наутро ќе трае до 18 мај.
Меѓу останатите мерки што се донесени, Владата одлучи и дека угостителските објекти од утре, 12 мај ќе смеат да работат до 23 часот и 30 минути, но само во отворениот дел од објектите.
Истовремено, на владината седница е одлучено дека може да се организираат настани, согласно наменските протоколи, но само со исполнетост до 30 отсто од капацитетот на затворениот простор.
Со денешната одлука се зголемува и бројот на децата кои се згрижуваат во градинките, односно, наместо 15 деца, сега ќе може да се згрижуваат по 20 деца во една група. Вежбалните, фитнес центрите и теретаните пак, ќе може да отпочнат со работа во нивните објекти.
Од Владата истакнаа и дека на денешната седница е одлучено да се дозволи користење на годишните одмори за здравствените работници.