Премиерот Димитар Ковачевски преку Фејсбук објави дека Владата го прогласила утрешниот за ден на жалост поради катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија, во кои според последните податоци загинаа над 33.000 луѓе.

„Утрешниот ден го прогласивме за Ден на жалост во вечен спомен на загинатите во катастрофалните земјотреси што го погодија пограничниот регион на Турција и Сирија. Граѓаните на Северна Македонија во мислите и молитвите се со нивните најблиски, со нивните семејства“, напиша Ковачевски во објавата.

„Во име на сите граѓани на Република Северна Македонија изразувам сочувство до сите кои ги загубија своите блиски. Како држава и како народ ќе продолжиме да помагаме, ќе бидеме солидарни и ќе бидеме поддршка за настраданите граѓани, за оние кои изгубија сѐ“, додава тој.