Минатата недела министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека зел обврска да ги утврди деталите и за нив да ја извести Грција, која најави дека од 14 мај, ја отвора границата за влез на Македонци со потврда за вакцинација или негативен тест за Ковид – 19, пренесува „А1он“.
– Дефиниран е сертификатот за Ковид 19 вакцинација. Граѓаните доколку имаат потреба ќе може да извадат сертификат за уредна вакцинација кој ќе биде дигитален, инаку потврдата што ја добиваат за вакцинација ќе биде доволен доказ за вакцинален статус во нашата земја, велат од Министерстовото за здравство за „А1он“.
Од таму нагласуваат дека документот се уште не се нарекува ковид – пасош, туку сертификат затоа што Европската унија се уште официјално не вовела ковид – пасоши.
– ЕУ се уште има само предлог за ковид -пасош, кој не е усвоен. Нашата земја ги следи препораките на ЕУ и ќе се прилагодиме кон нивните препораки и насоки што ќе бидат дадени, објаснуваат од Министерството за здравство.
Во дигиталниот пасош засега е дефинирано дека ќе се внесуваат личните податоци, датумите за прва и втора доза од примената вакцина со печат од пунктот на кој што е примена. Вакцинираните граѓани и сега добиваат картон на кој се заведуваат вакцините, а неофицијално, врз основа на тој картон граѓаните ќе можат да побараат дигитален ковид – пасош кој засега се размислува да се издава на пунктовите каде што граѓаните добиле вакцина или кај матичните лекари. „А1он“ дознава дека ковид – пасошот се планира да биде достапен за граѓаните на ист начин како што им е достапна годишната даночна пријава.