Ракометниот клуб Вардар со три бода го заврши својот настап во ракометната Лига на шампиони. Тренерот Иван Чупиќ потенцираше дека екипата повторно била казнета поради сопствените грешки во клучните моменти од средбите.

„Честитки до Мелсунген што се пласираа понатаму и да им се заблагодарам за фер натпреварот. Ние бевме близу, ама на крајот пак плативме скапа лекција. И на уште еден натпревар се гледа дека екипата покажува голем карактер, дека се сите како еден и вистински тим“, рече Чупиќ.

Чупиќ направи анализа на досегашниот тек од натпреварите во групната фаза и нагласи дека недостигало малку повеќе спортска среќа и искуство.

„По шест натпревари можам да кажам дека ни недостигаше малку искуство, па и среќа. Не сум задоволен само од бројот на бодови по оваа група, но генерално се презентиравме во одлично светло. Македонскиот и балканскиот ракомет го покажавме навистина добро. Ако го исклучиме мечот со Висла дома, на сите натпревари бевме конкурентни до самиот крај. Резултатски гледано, не можеме да сме задоволни. Дали беше реално да поминеме или не, нека оценат други. Вардар е едно семејство кое секогаш сака повеќе од тоа што може, па ете може да се каже дека не успеавме во нашата внатрешна цел. Тешко е да се зборува за Европската лига додека не знаеме кои се ривалите. Додека не се решат групите, не можеме да планираме. Ќе се обидеме да се презентираме во добро светло и таму, а ќе одиме чекор по чекор“, истакна Чупиќ.

Шефот на стручниот штаб се осврна и на тактичките детали и играта на теренот против германскиот претставник.

„Што се однесува до мечот, мислам дека бевме многу добри во одбрана во сите варијанти. Во нападот имавме малку проблеми со шутот, а потоа со пониски играчи бевме пофлуидни. Како и секогаш во Лигата на шампионите, секоја грешка, секој детаљ чини многу. Ќе го земеме ова реми како искуство, прво јас како тренер, а потоа и сите други“, заклучи Чупиќ.