Фудбалскиот клуб Вардар денеска одржа комеморација по повод смртта на Васил Рингов, а на неа објави една интересна иницијатива која секако ќе наиде на одобрување кај сите навивачи на скопскиот клуб.
Раководството на „црвено-црните“ најави дека ќе побара од надлежните, Македонскиот олимписки комитет, Министерството за спорт и ПУИГ, јужната трибина од Градскиот стадион во Скопје да го добие името „Васил Рингов“.
Јужната трибина беше синоним за легендарниот левокрилен фудбалер за кого имаше анегдоти дека обожавал да игра на таа страна, наводно поради сенката која ја фрлала на теренот. За тоа, на комеморацијата зборуваше и поранешниот тренер на Вардар и соиграч на Рингов, Ѓоре Јовановски.
„Рингов беше човек кој имаше свое достоинство, интегритет, тоа треба да се нагласи посебно во денешно време кога е тешко да се задржи тој интегритет. Таа негова оригиналност може да се искаже и со струмичкиот акцент кој му беше пристутен кога дојде. Секое дружење со него, секој тренинг, секој натпревар, секое патување со него можеше пет-шест анегдоти да се раскажат. Неговиот дух секогаш ќе лебди над Градски, секогаш ќе лебди особено над јужната трибина. Не можеме да ги заборавиме неговите центаршутеви, секогаш знае да те погоди во трепавица“, рече Јовановски.
Рингов почина на 23 декември, на 70-годишна возраст. Најголем дел од кариерата помина во Вардар каде остави неизбришлива трага.
