Пратеничката Иванка Василевска, претседателка на Секцијата на Собранието во Парламентарното собрание на Франкофонијата, учествуваше во работата на конференцијата на претседатели на секциите на националните парламенти на Регионот Европа на ПС на франкофонијата, што се одржа вчера во Варшава.

На конференцијата, соопшти собраниската прес-служба, учествуваа делегации на Албанија, Андора, Белгија/француската заедница Валонија-Брисел, кантонот Валис, кантонот Вауд, Франција, Жерсе, Македонија, Монако, Полска, Швајцарија и Каталонија.

Во рамките на конференцијата беа разгледани повеќе актуелни теми и прашања, меѓу кои доминираа прашања поврзани со улогата на националните парламенти во Европската Унија, како и потребата за проекти за процена и реформи. Исто така, особено внимание се посвети на темата за улогата на парламентите во обликувањето на безбедносната политика и предизвиците поврзани со зголемените воени трошоци од страна на државите по што следуваше дискусија со пратениците.

Пратеничката Василевска во дискусијата што следуваше постави прашање и истакна дека македонското Собрание, и покрај евроинтеграцискиот застој, е силно посветено на спроведување на реформите и во контекст на планот за раст, но и во контекст на унапредување на состојбите во сите области, како предуслов да се изгради просперитетно и одржливо општество. Сепак, во контекст на Европската Унија не може да се избега од впечатокот дека независно од успешноста на реформскиот процес нашиот пат кон ЕУ е блокиран.

Имајќи го предвид полското искуство за заштита на националните интереси, таа праша дали има механизми што македонското Собрание може да ги искористи да укаже дека билатералните прашања не може да бидат дел од критериумите за членство во Европската Унија и дека не може да бидат основа за вето во пристапниот процес, стои во соопштението.