Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека неодамнешната владина посета на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија имала значајна политичка и економска димензија. Главниот фокус бил ставен врз привлекувањето на нови странски инвестиции и продлабочувањето на меѓусебната економска соработка.
Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Кире Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ, Николоски наведе дека делегацијата остварила средба со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, со кого размениле мислења за актуелните европски предизвици и можностите за натамошна соработка.
„Остваривме средба со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, којшто е во моментов, според сите истражувања на јавното мислење во Сојузна Република Германија, најпопуларен политичар којшто државата го има. Инаку е член на владејачката Христијандемократска унија ЦДУ, наша сестринска партија од Европската народна партија и беше интересно да размениме мислења околу актуелните случувања во Европа, она што секако е предизвик за Европа и она што се наши предизвици“, рече Николоски.
Вицепремиерот посочи дека покраината претставува еден од најразвиените економски региони на европскиот континент, со околу 18 милиони жители и бруто-домашен производ од приближно 900 милијарди евра.
Во рамки на економскиот дел од работната посета, владината делегација одржала состанок со раководството на „Дојче Телеком“, при што биле детално разгледани можностите за проширување на соработката и реализација на нови инвестициски капацитети во земјава.
„Разговаравме и за потенцијални нови инвестиции што „Дојче Телеком“, преку „Македонски Телеком“, би можел да ги реализира во Македонија. Тие веќе развиваат проект за сопствен дата центар, а беше отворена дискусија и за поширок опсег на инвестиции“, изјави Николоски.
Според неговите зборови, од исклучително значење за државата се директните вложувања во истражувачко-развојни центри, познати како R&D центри, преку кои би се овозможил ангажман на млади научни кадри и создавање на нови технологии.
„Разговаравме покрај за соработката којашто можеме да ја имаме билатерално и за новите трендови и случувања и во бизнисот и во технологијата. Беа претставени нивните визии буквално за 22 век, односно како очекуваат да изгледа животот во 22 век, од тоа како би изгледал еден просечен дом до тоа како би изгледало здравството и како и на кој начин би се движеле луѓето. Навистина импресивно, морам да признаам, тоа е сектор којшто можеби најмногу ни треба во државата, да развиваме истражувачко-развојни центри или R&D центри каде што ќе може практично младите научници да работат и да се обликува иднината“, изјави Николоски.
За време на престојот бил организиран и посебен бизнис-форум на кој присуствувале компании што веќе оперираат на македонскиот пазар, како и претпријатија што размислуваат за идни инвестиции. Делегацијата остварила и посета на фабриката на „Гересхајмер“, компанија која веќе успешно реализира сопствена инвестиција во Македонија.
Николоски даде оцена дека посетата донела значајни економски резултати и отворила конкретни перспективи за привлекување нови странски вложувања во претстојниот период.
Тој истовремено информираше дека за време на работниот престој биле одржани средби со претставници на македонската дијаспора од повеќе европски држави, а членовите на делегацијата зеле активно учество и на меѓународна конференција посветена на актуелните безбедносни предизвици на континентот.
„Секако круна на посетата беше конференцијата којашто беше организирана, каде што присуствуваа неколку претседатели на европски држави, потоа министри од различни влади, каде што генерално се разговараше за безбедносната архитектура и безбедносните предизвици со коишто се соочува Европа во моментов. Секако тука на прво место е војната во Украина, но и сите оние други безбедносни предизвици со коишто во моментов се соочува Европа, а преку тоа и светот“, рече Николоски.
