Вистината е секогаш на страна на правдата. Денес Министерството за образование и наука со повлекувањето на Предлог законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование ги потврди нашите тврдења дека тоа што го нудеше Мила Царовска не е дигитализација, туку само дигитални учебници на начин за кој нема друг примeр во цивилизираниот свет, порача Иванка Василевска, универзитетски професор.
Во продолжение следува нејзиниот Фејсбук статус:
Нашиот став е јасен, во овие внатрешно-политички и надворешно- политички околности првата опција за децата и за наставниците мора да бидат хартиените учебници. Знаеме колкава е бројката на ранливи категории и тие кои се на раб да станат ранливи во пандемијата и силно сме уверени дека тие никако нема да бидат рамноправни во употребна на вака замислениот проект за дигитални учебници. Да не зборуваме за задкулисните игри и сценарија за обезличување на генерациите и за експериментирање со најважната категорија на македонски граѓани – учениците.
Во услови на пандемија дрско се обидоа Концепцијата да ја протуркаат на сила, а реформите на власта пробуваат насила да ги спроведат на неподготвени наставници. Да се менува на ваков радикален начин концептот на учење преку исфрлање на хартиените учебници и на таков перфиден начин, учениците да немаат печатени и хартиени учебници, претставуваше безумие кое несомнено мораше да заврши на ваков начин.
Граѓанската иницијатива “Учебници и настава мора да има” го покажа полниот дух на граѓанските слободи и права, ова е победа на разумот и на вистината!