Малолетниците од Воспитно-поправниот дом „Волковија“ веќе втора недела немаат пристап до образование поради завршен договор со наставниците од училиштето „Макаренко“. Децата кои ја издржуваат мерката „упатување во Воспитно-поправен дом“, од септември 2021 година до јуни годинава се соочија со истиот проблем за кој институциите најдоа решение, а сега повторно останаа без настава.
Директорот на ВПД „Волковија“ Даниел Антовски денеска за МИА потврди дека од минатата недела завршил договорот со наставниците кои држеле настава во домот, дека пред два дена ги тестирале малолетниците и дека со министерот за образование Јетон Шаќири се во контакт и заеднички бараат решение што е можно побрзо да се обезбеди продолжување на образовниот процес на децата кои ја издржуваат мерката „упатување во воспитно-поправен дом“.
МИА од Министерството за образование побара информација дали е прекинат образовниот процес во ВПД „Волковија“ и до овој момент не добивме одговор.
Европската Комисија во Извештајот нотираше подобрување на условите за сместување на малолетниците во објектот на Воспитно-поправниот дом во Волковија но сепак, забележува дека во периодот меѓу септември 2021 и јуни 2022 година тие немале пристап до образование.
Откако го објави серијалот стории, МИА постојано ја следи состојбата и во однос на образованието на малолетниците, кои според нивни информации, по едногодишната пауза во јуни 2022 година повторно почна да се одвива, но од минатата недела малолетниците се оставени без настава.