Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја посочи војната со Иран како главна причина за тешкиот изборен пораз на републиканците на меѓуизборите во САД. Тој призна дека гласачите кои во 2024 година ги поддржале Доналд Трамп и него, на изборите во 2026 година гласале за демократите.
„Причината поради која изгубивме е војната. Претседателот и самиот го кажа тоа синоќа“, напиша Венс во опширна објава на социјалната мрежа Икс.
Трамп во вторникот вечерта изјави дека војната делумно придонела за изборните загуби на републиканците. Сепак, тој нагласи дека не жали што ја започнал воената операција против Иран.
Демократите остварија историска победа, позната како „син бран“, освојувајќи поддршка и во традиционалните упоришта на републиканците низ земјата. Гласачите ја казнија администрацијата на Трамп, особено поради високите цени на горивата, кои дополнително пораснаа поради војната со Иран.
Изборниот пораз отвори и дебата во Републиканската партија за претседателската трка во 2028 година. Венс важи за еден од фаворитите за републиканската номинација, но резултатите од меѓуизборите отворија прашања за поддршката на актуелното раководство.
„Главниот проблем е што многу луѓе кои гласаа за Трамп и Венс во 2024 година, во 2026 година гласаа за демократите“, напиша потпретседателот.
Во меѓувреме, неизвесноста продолжи и во сенаторските трки во Мисисипи и Алјаска, две сојузни држави во кои традиционално доминираат републиканците. Во средата, резултатите од двете трки сè уште беа неизвесни, што дополнително ја покажа силата на демократскиот изборен бран.
Во Мисисипи, демократот Скот Колом имаше предност од само 43 гласа пред актуелната сенаторка Синди Хајд-Смит. Дотогаш беа пребројани 96 отсто од гласовите.
Слична неизвесност имаше и во Алјаска. Демократската кандидатка Мери Пелтола водеше со 626 гласа пред републиканецот Ден Саливан, при пребројани 74 отсто од гласовите.
