Извршниот директор на „Енвидија“, Јенсен Хуанг, ги отфрли предупредувањата дека вештачката интелигенција во следните неколку години би можела да доведе до истребување на човештвото. Тој ваквите тврдења ги нарече претерани „наративи за судниот ден“ и оцени дека не се засновани на наука, пренесува „Гардијан“.

Хуанг, коосновач и извршен директор на производителот на чипови за вештачка интелигенција, чија вредност се проценува на пет билиони долари, ги оцени како „неодговорни“ тврдењата на поранешниот истражувач на „Антропик“, Џејкоб Коксон. Тој на социјалните мрежи предупреди дека вештачката интелигенција би можела да стане „натчовек“ и да го уништи човештвото во рок од една деценија.

„2030 година нема да биде крај на светот. Постои 0% шанса тоа да биде крај на светот“, рече Хуанг во интервју за „Си-Би-Ес њуз“. „Плашењето на луѓето е непотребно. Тоа е неодговорно.“

Ставовите на Коксон, кои ги поддржаа уште двајца истражувачи во компанијата што го развива системот за вештачка интелигенција „Клод“, предизвикаа меѓународна дебата за опасностите и недостигот од надзор врз оваа технологија. Дебатата се води во период кога компаниите се натпреваруваат во создавањето сè помоќни модели.

Американските законодавци ги критикуваа компаниите за вештачка интелигенција поради можните ризици. „Антропик“ објави и извештај за разузнавање за закани, во кој детално е опишано како криминалци, групи спонзорирани од држави, продавачи на шпионски софтвер, научници и пропагандисти се обиделе да ги употребат нејзините моќни модели за дизајнирање ракети и бомби, создавање смртоносни патогени и шпионирање дисиденти.

Извршниот директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, шефот на производителот на „ЧетГПТ“, „ОпенАИ“, Сем Алтман, како и Илон Маск повикаа да се забави развојот на технологијата. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, ја отфрли загриженоста околу развојот на вештачката интелигенција како „измама“ и „заговор“, оценувајќи дека забавувањето би можело да ѝ даде предност на Кина.

Американскиот секретар за финансии Скот Бесент во неделата изјави дека САД и Кина се договориле да воспостават механизам за дијалог за вештачката интелигенција. Целта е двете земји меѓусебно да се предупредуваат за да помогнат во ограничувањето на потенцијалните опасности од технологијата.

Хуанг оцени дека предвидувањата за настан предизвикан од вештачката интелигенција што би довел до истребување на човештвото „не се засновани на наука“. Тој истовремено тврдеше дека неодамнешните повици на компаниите за национална и меѓународна регулатива за безбедност имаат цел да им овозможат да ги избегнат постојните закони според кои би можеле да бидат повикани на одговорност.

Повикувајќи се на неодамнешните случаи во кои компании за вештачка интелигенција, меѓу кои „Антропик“ и „ОпенАИ“, предизвикале инциденти во сајбер-безбедноста при тестирања, Хуанг рече дека веќе постојат многу закони со кои може да се постапува во такви ситуации.

„Имате закони за неовластен влез во сајбер безбедноста, имате одговорности за штета… ако вашиот производ направи штета, ако вашиот производ не функционира како што сте ветиле и ако сте склучиле договори со компании за договори на ниво на услуга, има многу закони поврзани со тоа. Мојата поента е, прво применете ги тие. И не дозволувајте овој наратив за судниот ден да предизвика некој да ги ослободи од законите што моментално постојат“, рече Хуанг.

„Сега, одете и читајте меѓу редови. Тие всушност не бараат повеќе закони. Тие бараат да бидат ослободени од законите што ги имаме. И мислам дека тоа е проблем“, рече Хуанг.

Во меѓувреме, Институтот „Тони Блер“ објави труд во кој се предупредува дека земјите ризикуваат да се најдат во „длабока и зголемена неповолност“ доколку не ја прифатат вештачката интелигенција и заостанат зад другите држави. Во документот, сепак, се наведува и дека институциите не се подготвени да го следат брзиот развој на технологијата.

„Претходната [индустриска] револуција го трансформираше нашиот свет со генерации, вештачката интелигенција ќе го стори тоа во рок од една деценија. Новите способности се појавуваат со извонредно темпо, со длабоки импликации за економиите, образованието, науката, пазарите на трудот, јавните услуги и националната безбедност. Но, ризиците се подеднакво длабоки и растечки, како и јавната загриженост. Денешните политички лидери… мора да донесат тешки одлуки што значително ќе ги променат траекториите на нивните земји. Сепак, институциите на модерната држава, наменети да ги поддржат политичките лидери во донесувањето на овие одлуки, едноставно не се подготвени за она што доаѓа“, се вели во предговорот на трудот.