Двајца вработени во мобилниот оператор А1 биле успешно спасени откако синоќа останале заглавени во снег
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 биле успешно спасени откако синоќа останале заглавени во снег во реонот над селото Лазарополе, во близина на базната станица на операторот.
Како што соопшти МВР, случајот бил пријавен синоќа во 23:30 часот во СВР Тетово, при што било наведено дека со лицата не може да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа.
Веднаш по пријавата, случајот бил проследен до Полициското одделение Ростуше, по што биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, униформираната полиција при МВР, како и екипи на Дирекцијата за заштита и спасување. Спасувачките екипи со две теренски возила, опремени со санки за снег и соодветна спасувачка опрема, се упатиле кон местото на настанот.
Денеска, околу 08:30 часот, лицата биле пронајдени и безбедно извлечени, при што било констатирано дека се во добра здравствена состојба. Станува збор за Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило „VW Amarok“ со скопски регистарски таблички.
Тие биле лоцирани на местото познато како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на селото Лазарополе.
