Обидот за самоубиство активистот го направил во знак на протест против заканата на владата дека ќе ги гони неговите роднини.

Белоруски активист си нанел повреда на пределот на вратот за време на судското рочиште додека седел во делот за обвинетиот, објави Центарот за човекови права Вијасна во Белорусија, пренесува АП.

Видеото објавено на социјалните мрежи покажува дека чуварите на Латипов се обидуваат да го извлечат од ќелијата додека лежи неподвижен.

Пред да се повреди, Латипов му потврдил на својот татко дека за време на судењето, истражителите се заканиле дека ќе отворат кривични случаи против неговите роднини и соработници, доколку тој не се изјасни за виновен.

Латипов е обвинет за нарушување на јавниот ред и мир, отпор кон полицијата и други дејствија што се казнуваат со затвор до 10 години. Тој се наоѓа во затвор од септември, кога бил уапсен за време на масовните протести против претседателот Александар Лукашенко.

Протестите ги започна опозицијата откако Лукашенко го освои шестиот мандат на изборите во август, што опозицијата не го призна, тврдејќи дека се наместени.