Нови тензии, навреди и препукувања на релација претседател на Советот на град Скопје, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска на денешната 19-та седница на Советот на град Скопје.

Откако Славески кажа дека не може никој да збори од говорница, туку од место или од микрофонот до него, бидејќи сè уште не му е вратено копчето за вклучување/исклучување на микрофонот, од говорницата беше тргнат микрофонот. Арсовска си стави подвижен микрофон, а пред да ѝ даде збор Славески, тој ѝ рече на Арсовска дека уште еднаш ја предупредува дека не може да зборува од говорницата и да дојде напред наместо да седи во магарешка клупа на крајот од салата, пишува СДК.мк.

По ова Арсовска стана и се доближи во говорницата во градското Собрание. Арсовска со поставен подвижен микрофон отиде на говорницата и му рече на Славески дека е Хитлер и крадец.

Господине Хитлер не ви доликува ова што го правите. Вие го кршите деловникот и сте крадец. Немате никаков интегритет, рече Арсовска.

Вашиот капацитет е еднаков на нула, каков што е вашиот интегритет. Имаме право на кој начин ќе се изјасниме. Вие сте тука деспот и тиранин, се изживувате. Јас имам право да одговарам на прашањата. Немате право да одземате збор на градоначалникот. Не се ова опструкции. Единствено недолично однесување во оваа сала го имате вие. Немате грам интегритет. Жално е што си ја завршивте кариерата како деспот. Директно штетите на градот со вашето однесување, рече градоначалничката.

Славески после тоа ја прекина денешната 19-та седница на Градот.

-Заради недолично однесување и навреди кон претседателот на Советот на град Скопје ѝ одзедов збор на градоначалничката Арсовска, изјави Славески.

Градоначалничкат на тоа додаде: „Ова е мојот дом, мојата куќа и не можете да ми го земете зборот“.

Славески јавно го повика Инспекторатот за локална самоуправа да интервенира во Град Скопје заради попречување на работата на Советот и одземање на ингеренциите на претседателот на Советот.