Светскиот шампион Луис Хамилтон на Мерцедес денеска е победник на првата трка сезонава во Формула 1 шампионатот за Големата награда на Бахреин.

Британецот беше најбрз на патеката во Бахреин, втор беше Макс Ферстапен од Ред Бул, а трет вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас.

Така, Хамилтон како и минатата година оствари триумф на оваа трка, севкупно 96 победа во неговата Ф1 кариера.

Првата трка во сезоната беше решена во самиот финиш, во директен дуел помеѓу Хамилтон и Ферстапен. Двајцата имаа различни стратегии, самиот почеток му припаѓаше на младиот Холанѓанец, а со претходните заминувања по нови гуми, актуелниот шампион успеа да се пробие и да остане во водство.

Драматично беше до самиот крај, Ферстапен уште еднаш се обиде да го престигне големиот ривал во последниот круг, но не успеа во намерата и Хамилтон најави атак на уште една шампионска титула.