Мајкл О’Лири, извршен директор на Рајанер, една од најголемите авиокомпании во Европа, беше цел на напад на еколошки активисти пред Европската комисија во Брисел.

О’Лири пристигна во Брисел за да и претстави извештај за воздухопловните прашања во Европа на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Додека тој сакаше да даде изјава за новинарите пред зградата на Европската комисија, двајца еколошки активисти му пријдоа на О’Лири и му залепија торта во лицето и грбот.

-Добредојдовте во Белгија. Стоп за авионите кои ја загадуваат околината, рече еден од активистите и се оддалечи од местото на инцидентот.

Со шлаг на лицето, О’Лири саркастично рече дека никогаш немал толку топло добредојде.

-За жал, овие луѓе се екологисти и кремот што го користат е вештачки. Ги поканувам нашите патници во Ирска, каде што шлагот е многу подобар, рече тој.

По инцидентот, на социјалните мрежи на Рајанер беше споделена порака со фотографија на О’Лири со лицето намачкано со торта.

-Топло добредојде да ги прославиме седумте нови рути на Рајанер за зимата 2023 година. Патниците се толку задоволни од нашите нови рути што слават со торта, пишува во пораката.

Рајанер го користи аеродромот Шарлроа во Белгија како еден од центрите од каде што лета до многу градови во Европа.

Сепак, во последните месеци, активностите на Ryanair во Брисел беа во центарот на вниманието поради штрајковите на пилотите и другите работници. Вработените кои сакаат да ги подобрат условите за работа се подготвуваат за штрајк на 14 и 15 септември.

Рајанер е ирска нискобуџетна авиокомпанија со седиште во Даблин.